ПИСАТЕЛИ

ХЕА СХУТЕРС
Хеа Схутерс (1976 г.) е писателка, сценаристка, авторка на либрета и новинарка. Прво дело ѝ е патописната книга „Девојки, муслимани и мотори“ (“Girls, Muslims and Motorcycles”) за едно седуммесечно патување со мотор низ Иран, Централна Азија и Арапскиот Полуостров. Потоа следуваат романите „Копачи“ (“Diggers”), „Уметноста на паѓањето“ (“The art of falling”) и „Без наслов бр. 1“ (“Untitled #1”), како и збирката интервјуа насловена „Крај“ (“Het Einde”). Нејзиниот последен роман, „Трофеј“ (“Trofee”) влегува во потесниот избор за голем број награди, а добитник е на книжевната награда „Сабам“ (Sabam). Со илустраторката Герда Дендовен ја изработуваат „Ништо“ (“Nothing”), филозофска сликовница и за мали и за големи деца. Со композиторката Анели ван Пари пишува неколку опери, како и други парчиња театарска музика, кои се закитуваат со многубројни награди; нивните дела се изведуваат на места и настани како Виенското биенале, Германската државна опера, Стокхолмската опера, Фламанската опера, Ротердамската опера и многу други. А заедно со Јохана Пас ја преведува Кеј Темпест. Нејзиното авторство се наоѓа токму онаму каде што се сретнуваат експериментирањето со формите и општествената ангажираност. Таа е мошне барана колумнистка и есеистка за голем број весници и списанија и куратор на „Шоуто на мртвите дами“ (“Dead Ladies Show”), кабаре-шоу специјализирано за осветлување на животот на заборавените жени.

ЕЛКЕ ЛОРЕНЦ
Елке Лоренц, родена 1950 година, студирала новинарство во Лајпциг, а потоа три години работела во редакција на окружен весник. Потоа следувале нејзините први книжевни дела. По падот на Берлинскиот ѕид била одговорна за односи со јавноста и прес-службата на градот Баутцен. Од 2009 година повторно поинтензивно ѝ се посветува на својата писателска работа. „Моќни зборови“ е нејзиниот дебитантски роман.
Добитничка е на наградата на Литературниот фестивал во Мајсен за 2025 година.

ГЕОРГИ ГОСПОДИНОВ
Георги Господинов (1968) е автор на книги со проза и поезија, носител на меѓународната награда „Букер“ за романот „Засолниште во времето“. Првата мува се појавува во неговата дебитантска збирка песни „Лапидариум“. Со излегувањето на „Природен роман“ мувата станува меѓународна. Потоа ја гледаме како прозујува и во неговите други стихозбирки, во збирките раскази и во романите „Физика на тагата“, „Засолниште во времето“ и „Градинарот и смртта“. Сите негови книги се преведени на македонски и на уште 35 јазици. Носител е на меѓународните литературни награди: Стрега (Premio Strega Europeo) во Италија, Јан Михалски во Швајцарија, Виленица во Словенија и други. „Слепата Вајша“, кратка анимација според истоимениот расказ (во режија на Т. Ушев), влегува во финалните номинации за наградите „Оскар“, 2017.
Живее и работи во Софија, заедно со други муви.

МИМОЗА ХИСА
Мимоза Хиса е албанска писателка и преведувачка. Дипломирала на Универзитетот во Тирана, на Катедрата за италијански јазик и книжевност, а своите студии ги продолжила во областа на италијанската култура на Универзитетот во Пиза, Италија. Докторирала книжевни науки. Како книжевна преведувачка, превела повеќе од 30 дела од значајни италијански автори на албански јазик, меѓу кои: Дино Буцати, Антонио Табуки, Џакомо Леопарди, Маргарет Мацантини, Алесандро Барико, Еуџенио Монтале, Клаудио Магрис, Меланија Мацуко, Доменико Старноне и други.
Добитничка е на повеќе национални и меѓународни награди, меѓу кои:
– Наградата за преведувач (2014) – доделена од Министерството за културно наследство и културни дејности на Италија.
– Преведувач на годината (2018) – доделена од Академијата „Култ“, Албанија.
Како писателка, објавила четири прозни книги, меѓу кои и „Време на ветрот“ (2004) – добитник на наградата „Европа, наш заеднички дом“, доделена од Министерството за култура, „Историја без имиња“ (2006) и нејзиниот најпознат роман „Ќерките на генералот“ (2019) – финалист за наградите „Кадаре“ и „Култ“, преведен на македонски, италијански, германски, грчки и романски јазик.

ИВА БЕЗИНОВИЌ-ХЕЈДОН
Ива Безиновиќ-Хејдон (Риека, 1981) дипломирала хрватски јазик и компаративна книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб. Живеела во САД, Унгарија и Германија, а моментно со сопругот и нејзините три деца живее во Загреб. Работела како преведувачка, учителка, лекторка, а најмногу време посветила на својата школа по хрватски јазик за странци. Нејзините кратки приказни и песни на хрватски и на англиски јазик можат да се најдат во антологии на кратки раскази и на интернет-портали. Досега има објавено пет сликовници. Повеќе нејзини приказни биле финалисти во различни книжевни натпревари, а освоила и неколку награди.

ИВАН АНДРУСЈАК
Иван Андрусјак е украински поет, автор за деца, прозаист, литературен критичар и преведувач. Тој е прогласен за еден од водечките поети на генерацијата од 90-тите, со свој препознатлив поетски манир заснован на употребата на метафори. Прозата на Андрусјак се карактеризира како силно симболична и метафорична, со користење на дијалекти.
Од 2000 година, тој активно се занимава со литературна критика, главно анализирајќи поезија, бранејќи ги моралните принципи во литературата и правејќи разлика помеѓу книжевна фикција и „поп“ литература.
Од 2005 година, Иван Андрусјак се фокусира на литературата за деца: неговите песни за деца се објавени во повеќе медиуми и антологии – подоцна собрани во книгата „Меко и нежно“ (2010). Во 2007 година беше објавен неговиот прв роман за деца „Стефа и нејзината Чакалка“. Оттогаш тој има напишано преку 30 книги за деца и млади – сликовници, илустрирани романи и кратки раскази. Со првиот дел од оваа книга, објавен оригинално под насловот „8 дена од животот на Бурундук“, едно од најпрочуените дела во современата украинска книжевност за помлади тинејџери, има влезено во престижниот каталог на најдобри детски книги во светот “White Ravens” („Бели гаврани“) за 2013 година. Лауреат е на многубројни украински награди и признанија, а најважна од нив е Наградата Лесја Украинка (за збирката стиховни бајки „Зајачка книшка“ и новелата-бајка „Третиот снег“).
Во 2021 година, украинската секција на Меѓународниот совет за детска и младинска книга (IBBY) го номинираше Иван Андрусјак за Наградата „Ханс Кристијан Андерсен“ — највисокото светско признание за писатели кои пишуваат за деца и млади.
Андрусјак е член на Националниот сојуз на писатели на Украина, на Здружението на украински писатели и на ПЕН Украина.

ЕВАЛД ФЛИСАР
Евалд Флисар (1945) е повеќекратно наградуван словенечки автор, меѓународно изведуван драматург и е најпреведуваниот словенечки писател, чии дела се објавени на 40 јазици. Извесен период живеел во Велика Британија, каде што работел како уредник и драматург, а од 1990 година живее во Љубљана. Работел како главен уредник на „Современост“, словенечко списание за книжевност, и седум години бил претседател на Словенечкото друштво на писатели.
Флисар пишува драми, книги за деца и млади, есеи, патописи, кратка проза. Автор е и на дваесетина романи, меѓу кои се издвојуваат: „Помошникот на волшебникот“ (1986), „Маѓепсаниот Одисеј“ (2003), „Набљудувач“ (2009), „Соништата на татко ми“ (2001) итн. Флисар е добитник на наградата на Фондацијата „Прешерн“, највисоката државна награда за литература, наградата „Жупанчич“ за животно дело, три награди за најдобра драма на годината и 18 номинации за книжевни награди. Меѓу странските награди се италијанската „Ла Магна Капитана“ и Македонската меѓународна награда ПРОЗАРТ. Тој е член на Словенечката академија на науките и уметностите.

САМИРА КЕНТРИЌ
Самира Кентриќ е родена во 1976 година, во Љубљана, како дете на босански имигранти. Започнала да црта уште како дете. По завршувањето на студиите по визуелна комуникација, таа се фокусира да ја пренесува општествената реалност на своето време во слики, креирајќи политички мотивирани илустрации, визуализирајќи, на пример, вести за меѓународни односи, верски конфликти и социјални прашања. Ужива да создава надреални ситуации за да го истакне она што го смета за најреално. Работи со различни техники избирајќи ги оние што смета дека се најсоодветни. Нејзиниот главен интерес лежи во подрачјето каде што јавните и политичките изрази се среќаваат со интимните аспекти на човековото секојдневие. Настојува нејзината работа да комуницира теми кои често се избегнуваат, се сметаат за незгодни или за табу. Има објавено три графички романи: „Балканалии“ (автобиографија) во 2015 година, „Писмо до Адна“ (визуелен и литературен коментар за бегалската ситуација) во 2016 година и „Адна“ во 2020 година.

ЕДВАРД ВАН ДЕ ВЕНДЕЛ
Едвард ван де Вендел е неуморливо плоден и многунаградуван холандски писател. Автор е на стотина разновидни книги за деца и млади (романи, сликовници, стихозбирки, спортски годишници, хроники, графички новели) и преведувач на уште барем толку, од неколку европски јазици (англиски, француски, шпански). За својот опус ја има добиено наградата „Тео Тајсен“ (2024), највисокото холандско признание за автор на детска книжевност. Влезен е и во потесниот избор за двете највидни светски награди во областа: наградата „Ханс Кристијан Андерсен“ (2024) и меморијалната награда „Астрид Линдгрен“ (петкратно номиниран).

АНУШ ЕЛМАН
Приказната на Ануш Елман е раскажана во две книги на Вендел, на кои тој се јавува како коавтор: Момчето што ја најде среќата (De gelukvinder, 2008) и Мишка. Првата е роман за млади што го следи тешкото бегство на семејството на Елман (окнижевен како Хамајун) од Авганистан во Холандија, како и нивниот престој во азилантски центар. Тука и завршува бидејќи во 2008 година сѐ уште не се знаело дали семејството на Елман ќе добие дозвола да остане во Холандија. Напишана 14 години подоцна, Мишка почнува на денот по вселувањето – во нов, холандски дом.

АНАСТАСИЈА ПИКА
Анастасија Пика е современа украинска писателка и новинарка од Киев, која живее и твори во Лондон. Повеќе од осум години работела како новинарка во различни киевски медиуми, а потоа била раководителка на одделот за медиуми во украинскиот парламент. Нејзиното богато новинарско искуство е силно присутно и во нејзиното книжевно творештво, во кое се занимава со теми како медиумската цензура, политичките превирања, општествените промени и емигрантскиот живот.
Пика е добитничка на повеќе литературни признанија, меѓу кои и награда на литературниот конкурс „Смолоскип“, а во 2017 година победила на конкурсот „Коронација слова“ за најдобар расказ за Киев. Нејзината дебитантска збирка раскази „Приказни кои никогаш не завршуваат“ влезе во поширокиот избор за BBC Book of the Year во 2019 година. Авторка е и на политичкиот трилер „Последниот случај на новинарката Кронина“, роман во кој преку приказната на една млада новинарка ги истражува украинското новинарство, медиумската цензура и политичките и општествените превирања во Украина во периодот од 2012 до 2022 година.

АСИЈЕ ЈИЛДИРИМ
Асије Јилдирим е обучувач по креативна драма, библиотекарка и раскажувачка. Се опишува себеси како ученичка која се обидува од небото да краде инспирација за надеж и радост, лажиче по лажиче; која сака денот да ѝ почне откако ќе одгризе залак од облаците; патник низ соништата и животот. Мајка на Гонџа и на мачето Ф’нд’к. Собрала храброст да почне да пишува за деца откако станала мајка, кога, подетинувајќи, ја открила „ѕвездената прашина на зборовите“. Најпрвин почнала да ги запишува смешните и иронични, но и филозофски реченици, реакции и мигови на својата ќерка. Има објавено и други книги, но „Храброто срце Хермит“ е нешто посебно за неа. „Можеби тоа што го доживеав беше причината што почнав да пишувам за детските срца. Но и приказните – моите драги приказни. Ним им должам толку многу“.

РУДИНА ЧУПИ
Рудина Чупи е авторка на многу книги за деца. Таа почна да пишува книги за да ја научи својата ќерка да ги распознава буквите. Многу сака да им раскажува на децата и тоа често го прави во училишта, паркови или библиотеки. Ако ја поканиш во твоето училиште, ќе видиш дека ќе дојде како бабите: натоварена со чанти. Таму ги чува алатките за раскажување бидејќи ѝ се допаѓа децата да уживаат во читањето со сите сетила и да учествуваат активно во придружните активности. Но и читателите, освен задоволство, нејзе ѝ подаруваат рачно изработени работи инспирирани од нејзините книги…
Таа мисли: „Инспирацијата е најголемото задоволство од читањето!“

БИЛЈАНА С. ЦРВЕНКОВСКА
Билјана Црвенковска е писателка, сценаристка, уредничка и преведувачка. Дипломирала на институтот по филозофија на Филозофскиот факултет при УКИМ, а магистрирала на истиот институт, со тема од областа на семиотиката и филозофијата на јазикот. Пишува претежно за деца и млади, но и за возрасни: проза, поезија, драмски текстови, сценарија за ТВ и анимирани серии, стрипови… Автор е и на повеќе песни, раскази, кратки драмски текстови, научни есеи и трудови, театарски критики, новинарски текстови и колумни, објавувани во повеќе антологии, списанија и публикации. Црвенковска е креатор и автор на сценарија за повеќе серии и кратки анимирани филмови за деца и возрасни.
ИЛУСТРАТОРИ

ХАНА ТИНТОР
Хана Тинтор е илустраторка и аниматорка од Загреб. Дипломирала на студиите по дизајн – насока за визуелни комуникации, а потоа и магистрирала илустрација на Школата за уметности во Кембриџ, Велика Британија. Нејзината работа опфаќа илустрации за списанија, мурали, музички спотови, авторски филмови, стрипови и, секако, сликовници. Во 2023 година ја добива наградата „Григор Витез“ за сликовницата „Каде се крие Ведран?“ (Ива Безиновиќ-Хејдон). Освен во цртањето, Хана ужива во пливањето, слушањето аудиокниги и во дружењето со својата териерка Лола.

ХУСЕИН СОНМЕЗАЈ
Роден сум во Бугарија. Имам една фотографија со татко ми, црно-бела, мислам дека имам две години. Не знам каква боја е топката што ми е в раце, но на таа возраст многу сакав фудбал. Кога имав шест години, еден ден татко ми ми нацрта во тетратката птица на гранка. Му реков: „И јас можам да нацртам вака.“ Го зедов моливот и почнав да цртам. Оттогаш не престанав да цртам. Жирафа што си го протегнала вратот до ѕвездите, китови што летаат врз облаците, риби… Не велете: „Бидува ли ова вака?“ Зошто да не бидува? Пробајте и самите. Ѝ нацртав на ќерка ми птица на гранка во тефтерот – очите ѝ светнаа… Оттогаш и таа непрестајно црта. Седиме на фотелјите во дневната соба и нурнуваме во длабочините на океанот. Кога ќе се умориме, ќе легнеме на тепихот и ги гледаме ѕвездите, планетите и летечките китови на таванот. Имам нешто повеќе од триесет и пет години. Шарам насекаде со погледот за да го видам сонцето, од кое ми подзамижуваат очите, кое ми го загрева срцето.

АНЕТ ШАП
Анет Шап (или поточно, според новите правописни назнаки, Схап) е холандска илустраторка и писателка за деца. Има илустрирано над двесте сликовници и книги за млади од сите позначајни холандски автори (особено плодни и познати ѝ се соработките со Жак Вринс и Лисбет ван дер Јагт). Нејзиното прво авторско дело – романот за млади Лампје (Lampje, 2017) – е единствената дебитантска книга во историјата што ги има обединето трите големи холандски награди за детска книжевност: „Златно перо“, „Ваутертје Питерсе“ и „Нинке ван Хихтум“.

НИКОЛА ТОРОМАНОВ
Никола Тороманов (1968) е сценограф и уметник. Автор на визуелните решенија на над 70 театарски претстави во Бугарија, Македонија, Германија, Русија, Турција и др. Има неколку изложби: „Слики од изложба“, по Муворгски; „Fe-mail“, поштенски картички до дванаесетина претставнички на понежниот пол; „Бестијарии“, каде што го открива задоволството од контактот со животни. Му претстои да се посрамоти и во овој проект наречен „Вечната мува“. Со мувата се запознава преку Г. Г. и од 2005 година активно се дружи и работи со неа.
Во текот на овој период Н. Т. нацртал неколку десетици илјади муви и со право има намера да конкурира за Гинисовата книга на рекорди во овие категории.

ГАНА ОСАДКО
Гана Осадко е позната украинска писателка, поетеса, уметница и членка на Украинскиот ПЕН-клуб. Таа е авторка на повеќе од десет книги и има илустрирано над 100 изданија, користејќи уникатни техники со пластелин и стакло.

ИРЕЉ ЧУПИ
Ирељ Чупи илустраторката на „Скокотливата куќа“, кога ја нацрта, имаше само 13 години. Таа ја нацрта и Какарина, најелегантната и најсимпатична кокошка – уште една од книгите што ги илустрирала таа. Ирељ чува многу картонски книги во форма на заб, рака, пеперутка, дрво, замок, вселенски брод, кои ги создала на свои 5 години, кога ги учела буквите. Оттогаш нејзе ѝ се допаѓа да чита и да создава. Книгите или ликовите што ѝ се допаѓаат („срцето ми прескокнува од возбуда“ вели таа) ја поттикнуваат да создава уметнички дела. Инспирирана од книгите, таа ја играше главната улога во филмот „Кралицата Теута“ (Mbretëresha Teutë) заедно со нејзините другарки од одделението.
Ако ја прашаш: „Што ќе станеш кога ќе пораснеш?!“, ќе ти каже просто „Голема“.

КАТЕРИНА НИКОЛОВСКА
Катерина Николовска е наградувана илустраторка и дизајнерка. Илустрирала голем број сликовници, стрипови, збирки раскази и песни, корици за романи за деца и млади, постери и др. Учествувала во бројни проекти и неколку групни изложби. За своите книги има добиено повеќе награди и признанија, меѓу кои и вклучувањето во изборот „White Ravens“ за 2020 година за илустрациите во книгата „Македонски народни приказни од цел свет“ и „White Ravens“ за 2023 година за илустрациите во книгата „Тигар на улица“.
ПРЕВЕДУВАЧИ

ВАСКО МАРКОВСКИ
Васко Марковски (1973) е туристички водич, патеписец и литературен преведувач. Завршил студии по турски јазик и книжевност со чешки јазик и книжевност. Дваесетина години работел како новинар, патеписец и уредник во петнаесетина медиуми (радио, печатени и мултимедија). Во периодот 2008-2011 бил главен уредник на месечникот „Free Time Guide – Macedonia“. Автор е на поетската книга „Корпоративно утро“ (2013), на монографијата „Урбани легенди“ (Бегемот, 2018, 2023), збирката репортажи „Непозната Македонија“ (Бегемот, 2020) и книгата поезија „Скопски улици“ (Бегемот, 2022). Преведува од турски на македонски проза и поезија. Во 2014 година објавил избор од сто песни од знаменитиот турски поет Орхан Вели („Риба во шишето ракија“, Антолог, 2014), на стогодишнината од раѓањето на поетот. За неговите патеписи е награден со признанието „Најдобар промотор на Македонија“ за 2010 година.

КСЕНИЈА ЧОЧКОВА
Ксенија Чочкова (родена 1979 година) дипломирала на Катедрата за германски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Денес живее и работи како книжевен преведувач и менаџер во културата во Баден-Баден, Германија. Досега работела на повеќе изложби, конференции, различни проекти од областа на културата. Со литературен превод се занимава од 2004 година и досега има објавено повеќе од 30 преводи на автори од германско говорно подрачје. Во нејзин превод се објавени автори како Зигфрид Ленц, Бернхард Шлинк, Јулија Франк, Елфриде Јелинек, Бертолт Брехт, Кристоф Хајн, Штефан Цвајг, Елијас Канети, Роберт Валзер, Роберт Музил и други. За своите преводи е наградена со повеќе стипендии како „Средба на преведувачи“ организирана од Литературниот колоквиум Берлин, „Преведувачка резиденција“ на Гете институтот и фондацијата Алфред Тепфер во Гут Зиген.

ЕЛИ ПУЈОВСКА
Ели Пујовска има преведено над седумдесет дела од холандски и од фламански јазик на македонски. Добитник е на наградата „Златно перо“ за најдобар превод на годината за преводот на романот „Розата и вепарот“ од Ане Провоуст. Учесник е во голем број проекти за книжевен превод реализирани со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија. Уредник е во издавачката куќа АНКХ.

КАЛИОПА ПЕТРУШЕВСКА
Калиопа Петрушевска е родена во Скопје, во 1949 година. Дипломирала на студиите по романска филологија (француски и италијански јазик) на Филолошкиот факултет во Скопје, а постдипломски испити од книжевно-историската насока полагала на Филолошкиот факултет во Белград. Од 1973 до денес активно се занимава со превод на прозни и на драмски текстови – некои играни на театарските штици во Македонија, некои објавени од македонски издавачки куќи – најчесто од француски јазик. Мајка е на две возрасни ќерки и помајка на три кучиња од женски род. Ужива во секој преведувачки предизвик, особено кога станува збор за дијалози и игри на зборови.

ДАРКО СПАСОВ
Дарко Спасов е универзитетски дипломиран филолог и магистер по драматургија од Кочани. Преведува книги за деца и за возрасни веќе дваесет и пет години и досега превел над 80 прозни, драмски, поетски и театролошки дела од словенечки, но и од англиски на македонски јазик. Меѓу нив се вбројуваат авторите: Тадеј Голоб, Вероника Симонити, Драго Јанчар, Петер Светина, Марко Сосич, Броња Жакељ, Евалд Флисар; Станка Храстељ, Цветка Бевц, Питер Брук, Деклан Донелан; Сигфрид Мелхингер, Михаил Александрович Чехов, Нејц Заплотник, Андреј Розман Роза, Винко Модерндорфер, Сузана Тратник, Себастијан Прегељ, Нил Сајмон, Петер Резман, Томаж Космач, Иван Добник, Барбара Хануш… За превод на пиесата „Брана“ од Конор Мекферсон во 2019 г. ја добива втората награда на Еуродрам.

ДУШКО КРСТЕВСКИ
.Душко Крстевски (1981) е поет, преведувач и книжевен рецензент. Дипломира на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што моментално е магистранд по македонска литература. Застапен е во неколку антологии на македонската млада поезија. Преведува од бугарски јазик, како за домашната културна сцена така и во рамките на интернационалниот проект „Across Europe“. Моментално работи како професор по македонски јазик и литература во Меѓународните училишта НОВА во Скопје. Автор е на книгата „Алхемија на 21 век“ и на голем број есеи објавени во периодиката.

ВЕРА ЧОРНИЈ-МЕШКОВА
Вера Чорниј-Мешкова е наградувана писателка, поетеса и преведувачка. Има завршено план и анализа на економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, украински јазик и украинска книжевност на Институтот за украинска филологија при НПУ „М. П. Драгоманов“ во Киев, магистратура по украински јазик и книжевност на Институтот за украинска филологија на истиот универзитет, како и докторски испити на филолошкиот факултет на КНУ Тарас Шевченко. Докторанд е на Одделот за украински јазик на филолошкиот факултет при КНУ „Тарас Шевченко“ и на Институтот за уметност, фолклор и етнологија М. Т. Рилскиј на НАН на Украина.
Во академската 2013/2014 година таа го отвора првиот украински лекторат на филолошкиот факултет Блаже Конески при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, каде што предава украински јазик, украинска книжевност и украинска култура и цивилизација.
Со Указ на Претседателот на Украина, на 17 Јануари 2008 година е наградена со Орден на Кнегињата Олга од трет степен, најпрестижна награда со која се наградува жена во Украина.
На 14 Октомври 2008, во Киев, наградена е со Орден на Св. Георги Победоносецот „Чест. Слава. Труд“ IV степен од Меѓународниот академски рејтинг на популарноста „Златна Фортуна“.
Член на Друштвото на писателите на Македонија и на Националниот сојуз на писателите на Украина. Пишува на македонски и на украински јазик. Авторка е на стихозбирките „Пластови на малото сонце“, „Жолти зрна“, „Зорница“ и други книги објавени на македонски јазик. Преведувачка е на многубројни дела од украински и руски јазик.

ЈОРДАНА ШЕМКО-ГЕОРГИЕВСКА
Јордана Шемко-Георгиевска преведувачката на оваа книга од албански на македонски јазик, е родена во Корча, Р. Албанија, каде што завршила основно и средно образование на албански јазик. Високо образование завршила на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, каде што и магистрирала. Работи како преведувач и толкувач од 2001 година. Има преведено низа книжевни дела од албански на македонски јазик: „Секој полудува на свој начин“, том I и том II, од Стефан Чапалику, „Во потрага по изгубената кошула“ од Аријан Лека, „Записите на црвот Смолински“ од Азем Делиу, како и поезија од албански на македонски јазик и обратно. Таа е и лектор на низа изданија на македонски и на албански јазик.

КОРНЕЛИЈА МАРКС
Корнелија Маркс е славистка, македонистка, преведувачка и поетеса од Хале, Германија. Има преведено многу значајни дела од српски, хрватски, босански, црногорски и македонски на германски јазик. Меѓу другите, ги превела на германски и романот за деца „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ и романот за возрасни читатели „Девет приказни за госпоѓица Сит“ на Билјана С. Црвенковска.

МАГДАЛЕНА КУКИЌ
Магдалена Кукиќ е македонистка, индолог, преведувачка и техничка уредничка на книги за деца. Најмногу од сѐ сака да пее, патува, да јаде македонски специјалитети, да чита книги и да шета по Максимир. Вљубена е во Загреб, градот во кој живее, но и во Охрид, градот во кој често сака да побегне по малку бисери, фантазија и Македонија. Ги превела сликовниците „Невидливата куќа“, „Девојчето и градот“, „Девојче и мече“ и „Нела Смела и Бушавата Бура“.

АЛЕШ МУСТАР
Алеш Мустар (1968, Љубљана) е поет и преведувач. Дипломирал англиски јазик и книжевност, како и педагогија на Универзитетот во Љубљана, а докторирал од областа на романската драматургија на Универзитетот во Букурешт, Романија. Преведува романска и македонска книжевност на словенечки јазик.
Ја објавил поетската збирка „Суд(бин)ско толкување“ (2005), која беше номинирана за најдобра дебитантска поетска збирка, препеана на македонски („Блесок“, 2007) и на англиски („Блат букс“, 2008). Неговата втора поетска збирка „Средни години“ излезе при Центарот за словенечка книжевност во Љубљана во 2017 г. и беше номинирана за најголемите поетски награди во Словенија: „Јенко“ и „Вероника“, а од страна на критиката беше избрана и за критичко–поетскиот фестивал „Прангер“. Неговите песни се застапени во повеќе антологии, а учествувал на поетски читања и фестивали во САД, Данска, Чешка, Холандија, Романија, Македонија, Хрватска и др. Алеш Мустар се занимава и со алтернативен театар.